Во Турција може да се забележи заемна наклонетост преку популарната телевизиска серија „Збогум Румелија“, која е снимена во Битола и ги прикажува обичаите од доцниот отомански период. Современите турски телевизиски серии исто така се многу популарни во Македонија.
Пред еден век, Македонија силно страдаше за време на востанијата против Отоманската империја. Сепак старото непријателство одамна да е заборавено. Македонците ја ценат големата дипломатска и економска поддршка што ја добиваат од Турција уште од осамостојувањето во 1991 година. Излегувањето од комунизмот не беше единствен предизвик за Македонија.
Таа изоде трнлив пат и понатаму продолжува да се соочува со опструкциите од Грција околу употребата на името. Турција постојано беше нејзин непоколеблив сојузник, делумно поради сопствените политички интереси, но и како резултат на нејзиното економско и културно богатство на територијата на Македонија. Сепак, иако политичката и економската соработка е постојана, Македонија само што почна да го промовира турското наследство. Поопсежното промовирање ќе им помогне на двете земји-кандидатки за прием во ЕУ да остварат дополнителни економски, културни и дипломатски цели.
МОЖНОСТИ И ПРЕДИЗВИЦИ
Ако се земат предвид приоритетите, станува јасно зошто турското наследство не дошло до израз. Македонското историско богатство се протега од неолитот преку античка Македонија, хеленскиот период, Римската Империја, Византиското Царство до Отоманската Империја. Владата обилно инвестира во археологијата. Сепак, времето и средствата се ограничени и наклонетоста кон антиката, поттикната од долготрајниот антагонизам со Грција околу наследството на античка Македонија, значи дека отоманските знаменитости добиваат помалку внимание. Во многу краишта, џамии стари по неколку векови се наоѓаат во безизлезно лоша состојба и чекаат целосно реставрирање. Како патеписец со богато искуство во регионов, сигурен сум дека ваквите знаменитости ќе привлечат голем број странски посетители.
Македонските археолози се подготвени да соработуваат со иницијативи од надвор, меѓу кои се и турската влада, групите од дијаспората и или академските тела. Сепак забележителните турски знаменитости главно остануваат само како „познати градби“ - тука спаѓаат џамиите, преуредените амами и Калето над скопската чаршија, еден од најдобро зачуваните стари отомански градови во светот. Неверојатната Шарена џамија во Тетово е уште една знаменитост што мора да се посети.
Предмет на надежна возобнова е и Куршумли Ан, едно од најпознатите отомански обележја каде што треба да биде лоциран и турскиот културен центар. Како израз на заемен љубезен гест, на една од најдобрите локации во центарот на Истанбул, Таксим, ќе никне и македонски културен центар.
Сепак, денешната страст за подигање споменици на етнички албански и македонски херои ги ограничува останатите можности и ги збунува странците. Во Скопје е подигнат споменик на албанскиот идол Скендербег (центарот на градот гордо го краси куќа-музеј посветена на хуманитарката Мајка Тереза), како и многу други македонски херои што се предвидени за овековечување низ центарот и плоштадот на Скопје. Сепак малку внимание им се посветува на турските просветители и херои од овој град, за кои сведочи и турскиот патеписец од 17 век, Евлија Челебија.
Други интересни можности има и надвор од главниот град. Клучниот момент за време на Младотурската револуција од 1908 година се случил во Ресен, кога Ахмед Нијази-бег и неговите луѓе кренале бунт против султанот Абдул Хамид Втори. Сепак, не е подигната ниту спомен-плоча за да потсетува на тој настан (поранешниот дом на Нијази, според турските власти, денес е продавница за керамика). Ако се земе предвид значењето на револуцијата за денешната турска република, па и за целата европска историја, може да се заклучи дека еден музеј за едукација на посетителите би бил повеќе од корисен.
Тука е и Битола (порано Манастир), каде Мустафа Кемал Ататурк завршил воено училиште. Турските власти, исто како и јас, имаат желба тука да отворат отомански воен музеј. Верувам дека таквата градба нема да вклучува само оружје, туку ќе ја овековечува и улогата на градот во современите турско-европски односи. (Тука постојат неколку почесни конзулати од поранешните европски „сили“, уште еднаш потврдувајќи ја историската убавина на Битола). Сепак, локалната соработка продолжува бавно да напредува. Можеби Македонија треба да разработи поопширна стратегија за националното наследство, таква што нема главно да се однесува на антиката од најдамнешни времиња.
НОВА ПОПУЛАРНОСТ
Македонија е сé попривлечна за турските посетители. Пример за тоа е бизнисменот Баркин Карсли, кој се пресели во Македонија со сопругата во 2008-та, откако претходната година бил на седумдневен одмор во земјава.
- Сакавме да избегаме од пренаселеноста и хаосот на Истанбул – вели тој.
Според него, општата атмосфера во Скопје потсетува на Истанбул, Едрене и на Бурса заедно. Сведочејќи за љубезноста и културните сличности со локалното население, Карсли исто така забележува дека бројот на луѓето од Турција што доаѓаат во Македонија на подолги или пократки посети постојано се зголемува. (Случајно, турските власти потврдуваат дека популарноста на „Збогум Румелија“ придонела Македонија да стане привлечна дестинација за турските туристи.) Многу Турци имаат семејни корени во Македонија и во соседните балкански земји и факт е дека таквите посетители би сакале да видат што е можно повеќе од наследството на своите предци.
И покрај тоа што сочинуваат само четири отсто од населението, Турците во Македонија се сметаат се сметаат за мирољубива етничка група што живее во слога со другите групи. Турската култура останува динамична, почнувајќи од јуручките села во источните делови со нивните богати рачни изработки, до густонаселените западните делови. Во водичот на „Лонли планет“ за Западен Балкан во 2009 година, уживав додека пишував за Врапчишта и за церемонијата „Денови на турската култура“. Настанот што секое лето се одржува во ова гостиварско село вклучува и традиционален турнир во пеливанско борење (турски стил на борење). Туристите од западните земји, кои се изморени од повторливите и извештачени дестинации, постојано се во потрага по вакви автентични културни настани.
ПОВТОРНО „ТУРЦИЈА ВО ЕВРОПА“?
Амбициозната надворешна политика на турската влада предизвика дебати и дома и надвор, при што неколкупати се сретна терминот „отоманска носталгија“. Зголеменото турско лидерство на Балканот може да донесе само стабилност. Европските лидери и понатаму се збунети и контрадикторни на себе во врска со проблематичните прашања, како што е ситуацијата со Косово, грчко-македонскиот спор за името и понатамошното проширување на ЕУ. Тие честопати погрешно ги разбираат или неточно ги анализираат и културните разлики и норми. Така Турција со нејзиното историско и културно искуство на Балканот станува партнер од клучна важност.
И Турција и Македонија се земји-кандидатки за прием во ЕУ и се соочуваат со бариери што треба да ги совладаат. На Македонија и е потребна дипломатска и економска поддршка од Турција, а пак Турција со тоа што ќе ја истакне својата историска улога во Македонија ќе може да оствари повисока цел, т.е. ќе и покаже на Западна Европа дека таа е и дека долго време била дел од Европа.
Странските експерти и локалните власти се согласуваат со тоа.
- Турција останува единствениот најдобар регионален сојузник на Македонија, и од аспект на реалните заложби и од аспект на потенцијалното влијание врз македонската економија и култура – изјави Кент Патон, поранешен функционер во Стејт департментот на САД, одговорен за Блискиот Исток и Северна Африка.
Според Патон, кој денес раководи консултантска компанија и кој беше вклучен во политичките случувања во Македонија од 1997 година досега, сегашната македонска влада го признава значењето на Турција и турското малцинство.
- Владата и нејзините турски коалициски партнери треба да сторат сé за да продолжат со создавање на институции и настани што ја нагласуваат улогата на Турците во историјата и развојот на регионот – додава тој.
Поранешниот норвешки амбасадор во Македонија, Карл Виби, додава дека иако Турција сé уште не е членка на ЕУ, таа е главен регионален сојузник на Македонија и може на многу начини да и помогне да ги оствари нејзините национални интереси.
- Затоа признавањето на историскиот придонес и наследството на Турција во Македонија би била мудра стратегија на македонските лидери – нагласува тој.
Иако промовирањето на турската култура е во зачеток, ваквото размислување сепак постои кај владините функционери. Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, смета дека заштитувањето на турското наследство е сериозна одговорност.
- Низ вековите, отоманското културно наследство стана составен дел од балканското културно ткиво. Македонија сега го признава својот дел од правото на сопственост на ова меѓуповрзано наследство – вели Милошоски.
Во голема академска студија за Младотурската револуција од 1908 година, со наслов „Подготовка за револуција“, М. Шукри Ханиоглу цитира едно далекусежно комунике објавено од револуционерното раководство со седиште во Париз. Во него стои дека поразот во Македонија би водел до загуба на половина од Отоманската империја и неизбежно би резултирал со преместување на главниот град од Истанбул во Мала Азија
- Тоа би ни го одземало статусот на европска сила и би нé претворило во азиска сила од втор, па и трет ред – се вели во комуникето.
Малкумина тогаш можеа да замислат дека по 100 години Македонија ќе се осамостои, а уште помалку дека Турција силно ќе го поддржува нејзиниот развој. Кој знае, можеби клучот за повторно градење на свеста за европска Турција се крие на ова мало и ранливо парче земја на Балканот.
Крис Делисо
|
|